Подарок за дарот
почнуваш од едно негово делче,од една негова страна,
си плукнуваш в дланки, ја сработуваш нивата неорана.
Со испотено тело и раце груби
од прелогот правиш твое парче земја,
што го љубиш и те љуби.
Секој ден се поклонуваш пред постоењето,
му намигнуваш на сонцето, се стрчуваш за да погледнеш дали
кајсиите заврзале, дали грозјето би родило,
дали ждребето проодило, дали тиквите расцветале
дали јаричките пролетале, дали замирисал бадемот,
дали се фатил калемот, магарето од дождот дали се засолнило,
вимето козјо дали се наполнило.
Копаш и ораш, сееш, наводнуваш и жнееш.
Ги полниш бочвите со вино
плевните – со слама, амбарите со жито,
с; да е на број, с; да е сито.
Само во еден црешов плод
успеваш да ги најдеш светлината и благословот,
само со голтка вода, млеко и вино,
можеш да го сотреш отровот.
Во твојот дом нема часовник,
ти ја мериш должината на насмевките,
знаеш кога од под снег излегуваат тревките,
кога на синот запче му никнало
на ќерката – кога косичката ; пораснала
кога жена ти од среќа заплакала,
кога мачката се омачила,
кога квачката заквачила.
Богат си оти на синија можеш
вода, храна и љубов да поставиш
и ниту еден добронамерник
гладен да не го оставиш.
Твоето парче земја
ти е домот, свртилиштето,
точката од која кај и да зафатиш,
секогаш ќе можеш да ; се вратиш.
Во полнотијата, мирнотијата и личотијата,
во пространството на љубовта,
ја живееш хармонијата,
да го менуваш светот не ти паѓа на памет,
оти ти си изградил нов свет.
(Oд книгата „Заедно да растеме“)
Свидетельство о публикации №120042909067